Видео од јавен настан во српскиот град Бор предизвика лавина од бурни реакции во јавноста, откако една жена, под притисок на прашањата од претседателот Александар Вучиќ, беше принудена пред своето болно дете да открие строго чувана семејна тајна – дека не му е биолошка мајка.

Настанот се одвивал за време на разговор на претседателот со граѓаните. Гордана Кариќ, корисничка на социјална помош, побарала помош поради деветмесечен прекин во исплатата на надоместокот за детето, кое има срцеви проблеми и зад себе има повеќе операции. Наместо да добие директен одговор зошто доцни помошта, Вучиќ почнал да ѝ поставува прашања за нејзината имотна состојба и за проверките од Центарот за социјална работа, сугерирајќи дека можеби постои законска пречка.

Кариќ одговорила дека нема друг имот освен куќата во која живеат и нагласила дека не може да зборува за одредени детали пред детето. И покрај нејзиното предупредување, по натамошното инсистирање, таа низ солзи признала пред камерите: „Не можам да го посвојам, јас сум му тетка. Биолошката мајка му почина пред 13 години. Не сакав да дознае на ваков начин дека не сум му мајка.“

Детето цело време седело до неа. По овој емотивен и шокантен момент, Вучиќ изјавил дека процедурите се сложени, но ветил дека ќе се вложат напори за решавање на случајот, додавајќи дека таа „секако му е мајка затоа што се грижи за него“. Сцената предизвика остри критики на социјалните мрежи и во медиумите поради нечувствителноста и јавното експонирање на трагична семејна судбина.

Exit mobile version