Премиерот Христијан Мицкоски денеска категорично ја отфрли можноста за одржување на предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека владината коалиција, составена од ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ,функционира одлично.
„За да се распушти Парламентот формално се потребни 61 пратеник. Во моментот не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Во моите разговори со меѓународната заедница, но и од она што го разговарам со граѓаните, и едните и другите од оваа Влада очекуваат реформи. И тоа е она што е главен фокус и приоритет – реформи и испорака“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека, чисто партиски гледано, на ВМРО-ДПМНЕ би ѝ одговарале предвремени избори, особено по „апсолутниот триумф“ на локалните избори. Сепак, како најголема партија, смета дека мора да се однесуваат одговорно. „Приоритетот е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, нагласи премиерот.
Одговарајќи на новинарски прашања за евентуални кадровски промени во Владата, конкретно дали ќе го разреши министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани (кој наводно најавил формирање нова партија), Мицкоски кратко одговори дека не е информиран за такво нешто. Во однос на изборот на нов државен јавен обвинител, премиерот информираше дека сè уште нема конечна одлука и дека јавноста навремено ќе биде известена.


