Владиниот врв и претставници на меѓународната заедница денеска извршија увид во градежните работи на клучната секција 2 од западниот дел на Коридорот 8 – автопатот од Гостивар до Букојчани.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој на терен беше заедно со премиерот Христијан Мицкоски и времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, изрази задоволство од прогресот. Тој вети дека граѓаните ќе возат по новиот автопат до крајот на 2029 година, без отстапки од рокот.

„Работиме доста интензивно на оваа секција. Таа од едната страна треба да се поврзе со автопатот Гостивар-Тетово, а од другата со идната траса Букојчани-Кичево, која пак води кон Охрид и Струга. Ова е целиот автопат на западното крило на Коридорот 8, проект кој ќе донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи“, истакна Николоски.

Тој информираше дека државните обврски се речиси завршени. Експропријацијата на земјиштето е готова 90 отсто, а досега се исплатени околу 470 милиони евра. „Останува компаниите да си ја завршат работата“, порача министерот, кој се обрати од мост висок 40 метри, нагласувајќи ја големината на градежниот потфат во кој се вклучени и македонските градежни и архитектонски факултети.

Exit mobile version