Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски кој претходно оцени дека Македонија е жртва на европски „булинг“. Според Филипче, единствениот булинг врз македонскиот народ го врши токму актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во писмената реакција, лидерот на СДСМ го обвинува премиерот дека наместо да ги спроведе потребните реформи, нуди изолација и води анти-ЕУ кампања, спротивно на волјата на преку 70 проценти од граѓаните кои сакаат членство во Унијата.

„Проблемот не е во односот на Европската Унија, туку во неисполнувањето на обврските поврзани со владеењето на правото, слободата на медиумите и борбата против корупцијата“, наведува Филипче. Тој додава дека Владата намерно создава конфликти со соседите и ја напаѓа Унијата секогаш кога ќе добие критики од Брисел.

Филипче ја искористи приликата да го поврзе застојот во евроинтеграциите со домашните скандали, посочувајќи го неодамнешниот случај со петте тони дрога кои ја поминаа македонската граница, како и лошите состојби во правосудството и медиумите. Тој предупреди дека Македонија стагнира додека земјите од регионот, како Албанија и Црна Гора, забрзано напредуваат кон целта за членство до 2027 година.

„Мицкоски и ВМРО не сакаат ЕУ, сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност, тоа е криминална вредност“, заклучува Филипче во соопштението.

Exit mobile version