Иако сочинуваат само 4,7 проценти од претпријатијата во деловниот сектор, компаниите контролирани од странство вработуваат речиси четвртина од работниците и создаваат 37 проценти од вкупната бруто-додадена вредност во земјава.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година имало околу 3.280 странски филијали, односно домашни претпријатија контролирани од странство. Во нив работат 24,2 проценти од вкупно вработените во деловниот сектор.

Најголем дел од додадената вредност што ја создаваат овие компании доаѓа од преработувачката индустрија – 35,3 проценти, потоа од секторот информации и комуникации со 16,7 проценти и трговијата со 11,5 проценти.

Најголем дел од странските компании, 92,8 проценти, се контролирани од европски земји. Компаниите од земјите членки на Европската Унија контролираат 44,6 проценти од странските филијали, но во нив работат 62,8 проценти од вработените и создаваат 61,9 проценти од додадената вредност.

Економски најзначајни се компаниите контролирани од Австрија, кои учествуваат со 17,4 проценти во додадената вредност, по што следуваат Холандија со 11, Германија со 9,7 и Обединетото Кралство со 9 проценти.

Exit mobile version