Истрагата против 25-годишниот овчар Т.Б. од село Малотино се проширува со застрашувачка брзина. Денеска, по наредба на Јавното обвинителство, се врши ексхумација на уште една повозрасна жена за која постои сомнеж дека е втората жртва на младиот убиец.
Додека екипите се на терен, осомничениот утрово беше спроведен од затворот „К’шање“ на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје. Таму ќе му биде извршено психијатриско вештачење кое треба да утврди дали бил пресметлив во моментите кога ги извршувал свирепите злосторства.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција потврди дека полицијата интензивно постапува по наредбите на обвинителот, но остана резервиран во изнесувањето детали додека трае истрагата. Засега, ДНК анализите веќе го поврзуваат овчарот со две убиства и еден обид за убиство.

