Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во вторникот вечерта во атинската населба Тисејо ја претстави основачката декларација на својот нов политички проект наречен ЕЛАС (Грчка левичарска коалиција). Со ова, тој се обидува повторно да ја собере распарчената левица и да се врати во центарот на грчката политика.
Овој потег доаѓа по долг период на шпекулации за неговиот камбек, откако се повлече од СИРИЗА по изборниот пораз во 2023 година, а минатата година се откажа и од пратеничкиот мандат со порака дека не ја напушта политиката.
Новиот проект ЕЛАС се најавува како поширок народен фронт, а не како уште една мала партија. Ципрас во својот говор порача дека промената ќе дојде директно од општеството и дека неговата коалиција ќе ја носи традицијата на раниот ПАСОК и првичната СИРИЗА.
Во основата на декларацијата е спој на левичарската реторика со ветувања за економски развој, борба против олигархијата и воспоставување на „нов патриотизам“.
Новата партија официјално претстави седум клучни обврски пред грчкиот народ:
- Достоинствен живот за сите граѓани
- Силна демократија без недопирливи поединци
- Праведен економски развој на земјата
- Обнова на социјалната држава
- Отпорна Грција пред кризи и климатски последици
- Дигитална демократија и суверенитет
- Силна држава која ги штити своите права и гради мостови
За време на говорот, тој најостро удри по Нова демократија и ПАСОК, обвинувајќи ги дека се зависни од банките и дека ја довеле земјата во институционално назадување преку корупцијата, прислушувањата и железничката трагедија во Темпи.


