Европската централна банка подготвува нов изглед на евро-банкнотите, а конечниот дизајн треба да биде избран до крајот на годинава. Сепак, новите банкноти нема веднаш да влезат во оптек – за нивно тестирање и производство ќе бидат потребни уште неколку години.
Во игра се две главни теми – „Европска култура“ и „Реки и птици“. Кај првата варијанта на банкнотите би се појавиле познати европски личности. На пет евра е предложена Марија Калас, на десет Бетовен, на дваесет Марија Кири, на педесет Сервантес, на сто Леонардо да Винчи, а на двесте Берта фон Сутнер. Втората тема е посветена на европската природа, со мотиви од реки, птици и европски институции.
Во јавната анкета на Европската централна банка учествувале околу девет милиони Европејци, а нивните мислења ќе бидат земени предвид при изборот на конечниот изглед.
Сегашните евро-банкноти нема веднаш да бидат повлечени од употреба. Од ЕЦБ велат дека тие ќе ја задржат својата вредност и ќе циркулираат паралелно со новите, па граѓаните нема потреба да ги заменуваат парите што веќе ги имаат.


