Европската унија подготвува конкретни патокази за пристапување за четири земји кандидатки – Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија. Според „Политико“, документите треба попрецизно да утврдат што се очекува од кандидатите, но и кои обврски ги имаат земјите членки во следните фази од процесот.

Во патоказите се очекуваат и ориентативни рокови за затворање на преговарачките поглавја и кластери. Четирите држави во моментов се сметаат за најнапредни во пристапниот процес. ЕУ веќе во јули одржа пристапни конференции со сите четири – Украина и Молдавија отворија нов кластер, додека Црна Гора и Албанија затворија дел од преговарачките поглавја.

Македонија, заедно со Косово и Босна и Херцеговина, засега нема да добие ваков патоказ бидејќи, според извори од Европската комисија цитирани од „Политико“, се наоѓа во порана фаза од процесот. Србија, Грузија и Турција исто така не се опфатени, но поради застој во нивните кандидатури и загриженост за демократските и судските стандарди.

Македонија и натаму има статус на земја кандидат за членство, а брзината на пристапниот процес зависи од исполнувањето на реформите и од согласноста на сите земји членки за следните чекори.

Во меѓувреме, Брисел разгледува и модел на постепено вклучување на кандидатите во европските политики и проекти, со економски придобивки уште пред полноправното членство.

Неделава претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен треба да ги посети Црна Гора, Албанија, Македонија и Косово.

Exit mobile version