СДСМ: Уште во првите 100 дена од мандатот ќе се донесе модел за прочистување на судството


Ред, правда и дисциплина, градење силна, независна правна држава и неселективно владеење на правото ве врвните приоритети на Владата предводена од СДСМ во новиот мандат, велат од владејачката партија.

Според СДСМ, уште во првите 100 дена од мандатот ќе биде подготвен модел за прочистување на судството, кое меѓу другото подразбира и проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите од страна на Државната комисија за спречување на корупција.

-Истовремено, Судскиот совет, согласно новите закони, треба да направи детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање. На почетокот на следната година, најдоцна на пролет, се очекува да започне и ЕУ мониторинг на судските случаи од висок профил, на околу 50 предмети годишно. Во овој процес ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ како спроведувачи, се вели во соопштението.

Од СДСМ велат дека следува и ревизија по случаен избор на 5 отсто од предметите од висок профил, на случаи кои застариле, за да се увидат причините за нивно застарување.

-Министерството за правда и Владата ќе подготват и нов модел за спречување на злоупотребите на системот на судии-поротници преку промена на начинот на избор, одредби за конфликт на интереси, зајакнување на одговорноста на поротниците и посебни процедури за гласање при донесување на одлуки. За поефикасна и посилна борба против криминалот и корупцијата, следува и кадровско зајакнување на судовите и обвинителствата преку зголемување на бројот на стручни соработници. СДСМ останува посветена на градење силна и ефикасна правна држава, доаѓа време на ред, правда и дисциплина на сите нивоа, велат од СДСМ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.09.2020 - 09:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега