Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) преку писмено соопштение упати остри критики до актуелната власт во врска со економската состојба на граѓаните и владините трошења. Од партијата посочуваат дека животот во земјава станува сѐ поскап и дека работниците едвај врзуваат крај со крај.
Повикувајќи се на последните податоци, од СДСМ информираат дека синдикалната кошничка за месец февруари достигнала 67.400 денари. Според нивните пресметки, на едно четиричлено семејство не му се доволни ниту три минимални плати за покривање на основните месечни потреби за храна и сметки, при што нагласуваат дека над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари.
Паралелно со овие економски показатели, СДСМ ја обвинува Владата, а особено премиерот Христијан Мицкоски, за недомаќинско работење. „И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра“, стои во партиското соопштение.
Опозицијата официјално бара Владата да направи ребаланс на Буџетот со кој ќе се скратат трошоците за набавка на нов авион, мебел, уредување на кабинети и службени автомобили. СДСМ бара овие средства да се пренаменат за обезбедување на минимална плата од 600 евра за сите работници во државата.


