Европската комисија подготвува патокази за четири земји – Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, додека Македонија е изоставена, реагираат од СДСМ.
Од партијата велат дека земјата останува заглавена на европскиот пат и ја обвинуваат Владата предводена од Христијан Мицкоски за застој во процесот на европска интеграција.
„За само две и пол години со Мицкоски од предводници на европскиот пат станавме губитници“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Од СДСМ оценуваат дека наместо реформи, државата, како што велат, спроведува политика на изолација и празни ветувања. Тие посочуваат на, според нив, недоволниот напредок во реформите, состојбите во судството и борбата против корупцијата.
„Фотографии по ходници не отвораат преговарачки поглавја. Партиски говори не заменуваат реформи“, велат од СДСМ.
Од партијата обвинуваат и дека политичките конфликти и нападите врз опозицијата не придонесуваат за напредок на земјата, додавајќи дека последиците, според нив, ги чувствуваат граѓаните.
СДСМ во реакцијата ја поврзува актуелната политика со ризик од дополнително оддалечување на земјата од Европската Унија и изразува загриженост од, како што наведуваат, зголемено руско влијание во регионот.
Од партијата упатуваат и низа остри обвинувања кон премиерот Мицкоски и кон владејачките партии, тврдејќи дека нивните политики ја држат земјата во застој.
„Македонија не е ничија тампон-зона. Не е резерва за туѓи агенди. Македонија е татковина на граѓаните што заслужуваат европска иднина“, се наведува во реакцијата.
СДСМ заклучува дека, според нив, одговорност за застојот во реформите и европскиот процес треба да понесат оние што, како што велат, го кочат напредокот на државата.


