Левица дава целосна поддршка на земјоделците и сточарите кои денеска, 30 септември, во 11 часот во Тополчани ќе излезат на протест за своите права, трудот и опстанокот на домашното производство.
Од партијата велат дека протестот е глас на производителите кои, како што наведуваат, со години го носат товарот на погрешно поставена аграрна политика.
„Државата има средства и инструменти кога треба да се спасува ликвидноста на помоќните, но за производителот секогаш има ново ‘ќе биде’“, се наведува во соопштението на Левица.
Од партијата оценуваат дека состојбата во земјоделството, според нив, е показател дека владините најави за „преродба“ не се совпаѓаат со состојбите на терен.
Како што наведуваат, во првиот квартал од 2026 година откупот од индивидуалните земјоделски производители паднал за 46,2 отсто, додека во август производните инпути биле за седум отсто поскапи во споредба со истиот период минатата година.
Левица посочува и на состојбата со пиперката во Струмица, каде што, според нив, производителите првично добивале понуди од 40 денари за килограм за прва класа, а потоа откупната цена паднала на 15 до 20 денари. Во Пелагонија, додаваат од партијата, дел од родот скапува по нивите поради недостиг од откуп.
Од Левица велат дека дополнителен проблем се доцнењето на субвенциите и зголемените производни трошоци, поради што производителите се принудени сами да се соочуваат со откупувачите.
Партијата ја посочува и состојбата во сточарството. Според нивните наводи, откупната цена на млекото паднала од околу 33 на 23 денари за литар, додека премиите и субвенциите доцнат.
Во соопштението се наведува и дека бројот на жаришта на сипаници кај овците и козите се зголемил од едно во јануари на 64, при што, според Левица, има над 10.000 угинати и усмртени животни.
На протестот, како што информираат од партијата, ќе бидат презентирани конкретните барања на земјоделците и сточарите. Министерот за земјоделство Борче Серафимовски е поканет да присуствува и директно да ги слушне нивните барања.
Од Левица бараат институциите да се соочат со проблемите на земјоделците и сточарите и да понудат конкретни решенија за откупните цени, субвенциите, производните трошоци и заштитата на домашното производство.


