Од СДСМ обвинуваат дека наместо одговорност за случајот со Ива Михаилова, јавноста гледа како премиерот Христијан Мицкоски го штити министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Од партијата прашуваат како обвинета, на која ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош, успеала да ја напушти државата.
„Тошковски на телевизија јавно признава дека границата е ‘швајцарско сирење’. А кој е надлежен за границата? Тошковски“, наведуваат од СДСМ.
Од опозициската партија оценуваат дека границата е недоволно контролирана и дека нема одговорност за пропустите. Воедно, тврдат дека Мицкоски го штити министерот наместо да побара негова оставка.
Од СДСМ бараат одговори за тоа како Михаилова ја напуштила земјата и кој ќе сноси одговорност за евентуалните пропусти, оценувајќи дека јавноста наместо конкретни одговори добива политички театар.

