Од СДСМ велат дека 2026 година е најлошата година за македонското образование од осамостојувањето до денес, посочувајќи на намалувањето на бројот на првачиња, празните училишта и намалениот број на паралелки.

„Поразителни се бројките: 3.000 помалку првачиња, 148 празни училишта, 433 паралелки помалку, а се затвораат и 26 подрачни училишта“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата оценуваат дека почетокот на учебната година никогаш не изгледал „потажно“ и го нарекуваат тоа „дебакл на политиките на Мицкоски“.

„Македонија губи првачиња, училиштата се празнат, паралелките исчезнуваат, ја губиме иднината“, велат од СДСМ.

Според нив, лошата економска состојба, иселувањето и, како што наведуваат, блокирањето на европскиот пат се меѓу причините поради кои Македонија ги губи младите и работната сила.

Од СДСМ ја обвинуваат Владата дека наместо да создава услови младите да останат во земјава, испраќа пораки за „спални соби“ и зборува за увоз на „економски работници“.

„Или како што вели Мицкоски во едно негово интервју: ‘Празниот простор дома ќе мора да се пополнува со работници од трети земји’“, цитираат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека тоа, според нив, е политиката на Владата – македонските работници да бидат заменети со работници од трети земји.

„Тоа денеска на сите им е јасно“, стои во реакцијата на СДСМ.

Exit mobile version