Од СДСМ обвинуваат дека Владата повторно ја задолжува државата и тврдат дека пари во буџетот нема.

„Се потврди тоа што СДСМ го говори последните три месеци – пари во буџетот нема. Мицкоски повторно ја задолжува Македонија. Ново задолжување од 1,3 милијарди евра усвоила Владата на седница“, изјави партиската портпаролка Богданка Кузеска.

Од СДСМ тврдат дека со новото задолжување, вкупниот долг што, според нив, Владата го направила за две години достигнува 4 милијарди евра.

„Мицкоски за две години направи 30 проценти од вкупниот јавен долг од независноста на Македонија до денес“, велат од партијата.

Од СДСМ прашуваат каде одат средствата и обвинуваат дека парите се трошат преку, како што ги нарекуваат, „криминални партиски тендери“.

Според партијата, буџетскиот дефицит постојано надминува 4 проценти од БДП, за што тврдат дека е над законскиот максимум од 3 проценти.

Од СДСМ посочуваат и дека буџетот денес изнесува околу 7 милијарди евра, што, според нив, е речиси двојно повеќе од 2017 година, но оценуваат дека тоа не се гледа во животниот стандард на граѓаните.

„Минималните трошоци за четиричлено семејство пораснаа за 9.000 денари за две години, а минималната плата само за 3.500 денари. Работниците со минимална плата живеат полошо“, велат од СДСМ.

Од партијата ја критикуваат Владата и поради одбивањето да ја зголеми минималната плата на 600 евра, како и поради растот на трошоците за камати.

„Дури и по големата светска криза, пандемијата, почетокот на војната во Украина и енергетската криза, владата плаќаше 120 милиони евра камати. Денес оваа Влада плаќа 350 милиони евра камати“, тврдат од СДСМ.

Од опозициската партија обвинуваат дека граѓаните не добиваат доволно поддршка преку мерки, повисоки плати и пензии, а посочуваат и на високите цени и животните трошоци.

„Мицкоски ги задолжи генерациите. Ги задолжи сите што доаѓаат“, велат од СДСМ.

Од партијата заклучуваат дека, според нив, Владата нема реализирано сериозен проект кој би ја оправдал политиката на задолжување и најавуваат политичка и институционална одговорност за, како што велат, „криминалните политики“.

Exit mobile version