Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески ги отфрли оценките и впечатоците во јавноста дека судовите донесуваат одлуки под притисок или под влијание на Јавното обвинителство.
Одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Советот на јавни обвинители, тој се осврна на последните реакции во врска со предметите „Ласкарци“ и Стевчо Јакимовски, нагласувајќи дека Врховниот суд ја оценува законитоста на одлуките на пониските судови, а не самите обвиненија.
Во својата изјава, Савески истакна:
„Не можам да прифатам, а апсолутно сметам дека е погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок, под влијание или во служба на јавното обвинителство. Пресудите се носат во името на граѓаните на Република Северна Македонија, врз основа на примена на законите и доказите што се содржани во тие предмети“.
Во врска со случаите „Ласкарци“ и предметот против поранешниот градоначалник на Карпош, тој дополнително појасни:
„Одлуките на повисоките судови се во врска со одлуките на пониските судови. Врховниот суд не ги ценел обвиненијата, туку одлуките на второстепениот и првостепениот суд“.
Савески го коментираше и случајот „Пулс“, каде што се отвори прашањето за изминувањето на максималните рокови за притвор на сопственикот Дејан Јованов – Деко. Републичкиот обвинител посочи дека притворот е строго дефиниран со законските одредби.
„Траењето на притворот е регулирано со закон и со максимални рокови. Во овој случај е извесно дека тие рокови наскоро ќе се исцрпат“, посочи тој.
Околу евентуалното одредување други мерки за обезбедување присуство, Савески изјави дека одлуката е во надлежност на обвинителите кои постапуваат по предметот, додавајќи дека законските рокови мора да се почитуваат од сите страни.


