Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска од собраниската говорница побара образованието и здравството да не се користат за стекнување политички поени. Одговарајќи на пратеничко прашање од Сања Лукаревска од СДСМ во врска со наставата во ООУ „Киро Глигоров“, Јаневска најави дека сите ученици за една недела ќе почнат со физичко присуство, подвлекувајќи дека организацијата на процесот е обврска на директорката на училиштето.
Во своето обраќање, министерката истакна:
„Не очекував од вас ваков популизам. Настава децата имаат, да, во дел имаат онлајн настава, затоа што им се обезбедуваат подобри услови за да учат, за да постигнуваат подобри резултати. Дали треба? Треба. Ако не градевме, ќе ме прашате зошто децата ви учат во две смени. Кога градиме, велите зошто градите, децата не можеле да учат, нели секојдневно ќе учат. За една недела сите ќе учат со физичко присуство. Проблемот е што не учат. Проблемот е што има проблем во системот и не ни учат и приоритет е ПИСА и приоритет е како да почнат да го совладуваат материјалот и како да ги научиме нашите наставници да им го пренесат знаењето“.
Јаневска упати апел до сите политички чинители за обединување во клучните сектори:
„Секој пат од оваа говорница ве повикувам да се обединиме во областа на образованието и здравството, за се друго може да се караме. Овде нема проблем. Зошто правиме проблем таму каде што го нема само за популизам, за собирање лајкови и гласови. Гласови ќе собираме на добри проекти. И тоа така треба да биде. Еве ве молам, тргнете ги рацете од образованието и од здравството, суштински се за младите. Оти вака како што се последни, а ќе бидат уште полоши ако нешто не превземеме, вие знаете што ќе се случува во иднина. Ама не сум сигурна дека се грижите. Се грижите за во моментов да го постигнете рејтингот на вашата партија. Не се грижите за децата“.
Во однос на процедурите за адаптација на училиштето, таа ги појасни административните рокови:
„Барањето е закачено на 3-ти јуни, одобрено е на 28-ми јули. Ова е она што е реалност и има уште една реалност, така е, вие комуницирате со директорката и таа вели вака: “Добар ден министерка. Сакам да ве известам дека обезбедивме плус осум училници од 14-ти септември и децата ќе почнат со физичко присуство четврто и петто. Шесто и девето ќе продолжат.” Јас во училиштето не ја организирам наставата. Си има директор, си има општина, јас соработувам со сите, јас не велам наши, ваши, со сите во корист на децата. Како вели директорката дека треба да се организира наставата, така нека ја организира“.
Јаневска додаде дека за време на претходната власт на СДСМ не биле направени соодветни предвидувања за зголемениот број ученици во Центар, поради што сега се врши проширување.
Таа исто така демантираше дека има отпуштања на наставници и се осврна на етичкиот пристап во управувањето:
„Тоа го тврдев и тоа го кажувам. Тоа што во претпоследните седум години им одземаа часови на наставници за да дадат и вработат на неопределено други наставници, за да ги лажеме луѓето дека во иднина ќе ги вработиме, за да ги лажеме луѓето да гласаат давајќи им надеж дека можеби некогаш ќе се навредат, јас мојата етика, мојот карактер тоа не го дозволува. Јас ја кажувам вистината“.


