СДСМ денеска во Собранието ќе поднесе предлог-закон за зголемување на минималната плата, најави претседателот на партијата Венко Филипче, оценувајќи дека сегашните примања не се доволни за достоинствен живот во услови на раст на цените.

„Во овој момент минималната плата изнесува 26 илјади денари. Сметаме дека во оваа ситуација на криза, со огромна цена на горивата, практично над 100 денари за литар, оваа минимална плата е апсолутно недоволна за добар, квалитетен и достоинствен живот на работниците“, изјави Филипче.

Тој посочи дека поскапувањето на горивата повлекло раст и на цените на другите производи, особено на храната, а со тоа се зголемила и вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка. Според него, над 70 проценти од работниците во земјава имаат примања меѓу минималната и просечната плата.

Филипче побара Владата да најде средства за поддршка на работниците и компаниите, посочувајќи ги мерките што ги преземале владите предводени од СДСМ за време на ковид-кризата.

„Платите и пензиите континуирано растеа и имаше поддршка за стопанството од над две милијарди евра. Нека најде власта начин. Кога може да се луксузира и да троши граѓански пари неотчетно и нетранспарентно, тогаш мора да најде начин и за луѓето кои не можат да го преживеат месецот“, рече Филипче.

Тој повторно ја критикуваше Владата и за трошоците за прославата на 35 години независност, обвинувајќи го премиерот Христијан Мицкоски дека ја довел јавноста во заблуда со тврдењето дека за настаните не биле потрошени народни пари.

Exit mobile version