Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, на работниот појадок на маргините на Советот за општи работи на Европската Унија, ја истакна важноста од вклучување на земјите-кандидатки во Европскиот центар за демократска отпорност уште од самиот почеток, соопшти Министерството за европски прашања.

Во своето обраќање, министерот Сали нагласил дека странското манипулирање со информации, кибернападите и притисоците врз независните медиуми и граѓанското општество претставуваат заеднички закани за земјите-членки на ЕУ и за земјите кандидатки, додавајќи дека демократската отпорност стана суштински дел од европската безбедност.

– Учеството во Центарот би ѝ овозможило на Северна Македонија навремен пристап до европските процени на заканите, механизмите за рано предупредување, експертизата и оперативните мрежи. Истовремено, би ги зајакнало капацитетите за спротивставување на дезинформациите, стратешката комуникација и кибербезбедноста, како и поддршката за независните медиуми и граѓанското општество, придонесувајќи за реформите во темелните области на пристапниот процес – нагласува МЕП.

Министерот истакнал дека државата има намера да биде активен придонесувач и да го сподели своето искуство во справувањето со хибридните закани. Тој информирал дека веќе се започнати внатрешни подготовки, при што Министерството за правда е определено како координативна институција.

Exit mobile version