Нова образовна програма за стекнување квалификација „специјалист за мехатроника на камиони и тешки товарни возила“ е воведена во средното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје, а од денеска ја следи првата група од 15 пријавени учесници.
Програмата е подготвена како одговор на потребите на пазарот на труд за стручен кадар, преку соработка на Министерството за образование и наука, Агенцијата за вработување, СУГС „Владо Тасевски“, Кралството Шведска, „Волво Груп“ и швајцарската агенција „Хелветас“.
Таа е дел од неформалното образование и овозможува практична обука и поврзување со реалниот сектор со вклучување професионалци од индустријата.
„Средното стручно образование е една од нашите силни страни, а со вакви иницијативи го правиме образовниот систем уште посилен, пофункционален и поефективен. Особено е значајно што учесниците ќе имаат можност да добијат практична обука со поддршка на компанија од светски ранг во автомобилската индустрија. Очекувам оваа група да прерасне во квалитетен и конкурентен стручен кадар, подготвен да одговори на потребите на компаниите и пазарот на труд“, истакна државниот секретар во МОН, Елена Ивановска, на промоцијата и почетокот на програмата.
Ивановска изрази очекување дека програмата ќе прерасне во формална образовна квалификација достапна за помладите генерации во редовниот образовен систем.
„Министерството за образование и наука, во соработка со Центарот за развој на стручното образование и Бирото за развој на образованието, ќе работи на создавање услови за нејзино интегрирање во формалното образование, преку подготовка на соодветна наставна програма и учебник. Се надевам со нашите партнери, доколку е потребно ќе обезбедиме и дополнителна опрема опрема за квалитетна практична обука“, посочи таа.
Од МОН посочуваат дека соработката меѓу образовните институции, бизнис-заедницата и меѓународните партнери придонесува за стручните компетенции, вработливоста и конкурентноста на домашната економија.

