Американската армија планира да купи најмалку еден милион дронови во следните две до три години и може да набавува од половина милион до еден милион дронови годишно во наредниот период, изјави секретарот на армијата Даниел Дрискол.

Во интервју за Ројтерс, Дрискол опиша значително проширување на планот за набавка на беспилотни летала, признавајќи дека тоа претставува предизвик со оглед на сегашниот капацитет — околу 50.000 дронови годишно.

Тоа е голем предизвик. Но, тоа е предизвик со кој сме целосно способни да се справиме, рече Дрискол, пренесе БТА.

Малите и евтини дронови се покажаа како моќно оружје во конфликтот меѓу Русија и Украина, каде конвенционалните воени авиони се користат поретко поради густата концентрација на системи за противвоздушна одбрана. Дрискол посочи и дека Украина и Русија произведуваат по околу 4 милиони беспилотни летала годишно, додека Кина веројатно може да произведе повеќе од двојно повеќе.

Секретарот наведе дека негов приоритет е САД да имаат домашно производство за клучни компоненти — од мотори и сензори до батерии и електроника — бидејќи денес голем дел од тоа производство е контролирано од Кина.

Очекуваме да купиме најмалку еден милион беспилотни летала во следните две до три години, рече секретарот.

И очекуваме дека за една или две години од сега, ќе знаеме дека во време на конфликт, ќе можеме да активираме синџир на снабдување кој е доволно робустен и длабок за да може да го активира производството на онолку дронови колку што ни се потребни, додаде тој.

Дрискол нагласи дека сака да ја промени перцепцијата за дроновите во армијата — да се тргнат од гледиште на „фина“ опрема и да се почнат да се користат како муниција за еднократна употреба кога е потребно.

Exit mobile version