Администрацијата на Трамп пренасочува милиони долари воена помош од Европа и Блискиот Исток кон Јужна и Централна Америка
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп пренасочува десетици милиони долари американска воена помош, наменети за земјите во Европа и Блискиот Исток, за поддршка на земјите во Централна и Јужна Америка.
Стејт департментот го извести Конгресот дека ќе пренасочи 52 милиони долари од Фондот за странска воена помош, првично наменет за Словачка, Северна Македонија, Тунис и Ирак, кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија. Сепак, од Стејт департментот појаснуваат дека ова пренасочување целосно не го елиминира финансирањето на воените потреби за првичните земји-приматели.
Потеклото на одлуката се надоврзува и на минатонеделната посета на државниот секретар Марко Рубио на Колумбија, Еквадор и Перу, каде што тој вети дополнителна поддршка за овие земји.
„Средствата ќе бидат искористени за борба против наркотероризмот во нашето непосредно соседство и за продолжување на обезбедувањето на Панамскиот канал. Овие средства ќе ги спречат противниците да воспостават стратешки упоришта на нашата хемисфера“, се наведува во официјалното соопштение на Стејт департментот.


