Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започна процес за префрлање 725 милиони долари кон Обединетите нации, објавија американски медиуми, повикувајќи се на известување од Конгресот.
Експерти за финансии и меѓународна помош проценуваат дека исплатата би можела да претставува чекор кон намалување на долгот на САД кон ОН, кој се проценува на неколку милијарди долари.
Сумата е наведена во писмо на Стејт департментот до Конгресот од 4 август, а средствата треба да бидат исплатени пред очекуваното обраќање на Трамп пред Генералното собрание на ОН во Њујорк следниот месец.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, оваа година предупреди дека организацијата се соочува со „неизбежен финансиски колапс“ поради неплатените придонеси од земјите-членки. Поради финансиските проблеми, глобалното тело веќе усвои значителни намалувања на буџетот.
Сумата од 725 милиони долари претставува помалку од 20 отсто од повеќе од четири милијарди долари што ОН во мај наведоа дека САД им ги должат. Од Вашингтон, сепак, соопштиле дека реалниот долг е значително помал и дека во меѓувреме биле извршени одредени плаќања.


