Од 1 јануари сите ќе бидат задоволни, предвидуваме средства во новиот буџет за зголемување на платите во Армијата. Очекувам следната недела да имаме пречистен текст на Колективниот договор со сите синдикати. Секој еден војник што навршува 45 години ќе има можност да остане во Министерството за одбрана, да замине во друга институција во државата или да си земе отпремнина, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски, во гостување на ТВ Канал 5.
Во однос на стандардот на вработените, министерот најави покачување на примањата од почетокот на следната година и трајно решение за статусот на професионалните војници.
Европската колективна безбедност, нагласи Мисјаловски, е поврзана и прашањето за членство во ЕУ и НАТО мора да се гледа заеднички, посочувајќи дека на најголем дел од состаноците со европските лидери со коишто може да се сретне, но и со многу амбасади и слично, секогаш го отвора прашањето за ЕУ.
-Ако ние сме доволно способни и имаме целосен капацитет за НАТО, да бидеме рамноправни, да учествуваме на секоја една вежба, да бидеме повикувани за се што треба да помогнеме, тогаш апсолутно треба да бидеме дел од Европската Унија… И постојано еве, јас нема тоа да го кажам, сите претставници што доаѓаат во Македонија со позитивни, така би рекол, вести доаѓаат и за Армијата и за Министерството, но и за државата како помагаме во регионални планови, во вежби и така натака. Затоа можеме да бидеме едни од најдобрите во семејството, а во Европската Унија постојано да имаме, би рекол, кочници. Ова прашање мора паралелно да се разгледува и иако јас сум министер за одбрана, поврзано е. Европската колективна безбедност е поврзана, но затоа и паралелно Европската Унија ни дава огромен број на средства, морам да бидам искрен, и тие се разбира ни се најголеми овака сојузници бидејќи преку 40 милиони евра веќе добивме во опрема – изјави Мисјаловски.
Мисајловски, исто така, нагласи дека Армијата останува целосно мобилизирана на терен за помош на општините и граѓаните при справувањето со пожарите ширум земјата.
-Секаде каде што сме потребни, апсолутно, ако се работи за, би рекол, поголем број на пожари, апсолутно тука и Претседателката ќе помогне со дополнителни сили. На дневно ниво се координираме и да знае секој еден граѓанин дека Армијата ќе биде тука секогаш – изјави Мисајловски.


