Русковска: Засега нема осомничени полицајци во акцијата, цела година собиравме докази

Приведени се 21 лице, пронајдена и запленета е дрога, пари, автомобили, мобилни телефони, во денешната полициска акција во Грчец, Гази баба, Чаир и Синѓелиќ.

Обвинителката Вилма Русковска во изјава за медиумите кажа дека тие имаат докази дека приведените лица сториле кривично дело „недозволена трговија со опојни дроги“. Пред акцијата не била спроведена финансиска истрага, бидејќи како што кажа таа постоел страв дека акцијата може да биде пробиена, но од понеделник ќе следи и финансиска истрага.

Русковска додаде и дека до сега нема осомничени полициски службеници, но понатаму ќе бидат вештачени одземените мобилни телефони и доколку се најде комуникација сигурно дека ќе бидат осомничени и овластени службени лица.

Таа вели дека обвинителите и истражителите во нејзиното обвинителство долго време го работат овој предмет и собираат докази.

„Година време собиравме докази, имаше ПИ-мерки, слушање комуникации и следење. Приведени се 21 лице, тие се наоѓаат во повеќе полициски станици, а како што сум информирана, по одредени лица сѐ уште се трага“, изјави Русковска, која се надева дека утре ќе излезат на прес-конференција и ќе соопштат повеќе детали.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.03.2021 - 12:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега