Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар поднесе иницијатива за враќање на старите цени на паркинг услугите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), но истата беше одбиена на советот, информираше советничката Диана Ристовска Додевски.

Според неа, ваквата одлука била донесена со гласовите на советниците од СДСМ и Левица, со што, како што рече, на сила остануваат зголемените цени за паркирање за жителите на општината.

„Легалниот рекет на ПОЦ врз центарци е овозможен од коалицијата СДС и Левица кои наутро очигледно прва мисла им е, како денес да му слугуваме на Герасимовски и Зоран Заев. Наместо од денес, да ставиме крај на рекетарството на ПОЦ, овие луѓе ја одбија иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на старите цени на паркинг услугите на жителите на Општина Центар“, изјави Ристовска Додевски.

Таа посочи дека со одбивањето на иницијативата граѓаните продолжуваат да плаќаат повисоки суми за паркирање во сопствената општина.

„На сила остануваат да важат дуплите и тродупли цени и методи за изнуда на пари од центарци. На сила остануваат да важат политиките кои нѐ прават кираџии во сопствените домови, каде треба да плаќаме кирија за сокаците и тротоарите пред нашите згради. Тоа значи воведување на зонско паркирање. Зонското паркирање значи дека ние центарци можеме бесплатно да се паркираме само во нашата зона, но не и во друга зона“, рече таа.

Советничката упати и директни обвинувања до градоначалникот Горан Герасимовски и раководството на СДСМ.

„Герасимовски и коалицијата на СДС очигледно немаат намера да ги решаваат проблемите во Општина Центар. Нивна единствена намера е до следните локални избори, да соберат што повеќе пари и да ја соголат општината до коска, само за да ги делат тие пари по тендери и фирми блиски до Венко Филипче и фамилијата Заеви“, додаде Ристовска Додевски.

Exit mobile version