Општина Маврово и Ростуше обезбеди еднократен паричен надоместок и комплетен школски прибор за сите запишани првачиња во општинските основни училишта за претстојната учебна година.

Поддршката е дел од мерките на локалната самоуправа наменети за семејствата на најмладите ученици.

„Согласно програмските определби и приоритети на градоначалникот Онер Јакупоски, за поддршка на семејствата и унапредување на образованието, Општината за секое запишано прваче во сите општински основни училишта обезбеди по еднократна парична поддршка од 6.000 денари и училиштен ранец со комплетен прибор за почеток на училишната година“, објавија од секторот за односи со јавноста.

Од Општината истакнуваат дека целта на оваа мерка е да им овозможи олеснет почеток на семејствата во подготовките за училиште и да донесе радост кај најмладите при нивниот прв чекор во образовниот процес.

„Првачињата се нашата иднина и наша најголема радост. Наш приоритет е да им овозможиме подобри услови за учење и безгрижно детство. Со оваа поддршка сакаме да им посакаме успешен почеток и да им олесниме на нивните родители во овој важен момент“, вели градоначалникот Јакупоски, кој им посака среќен, успешен и исполнет со знаења почеток на новата учебна година на сите ученици и нивните наставници.

Инаку, на подрачјето на Општина Маврово и Ростуше функционираат четири основни училишта – во Ростуше, Скудриње, Маврово Анови и во Жировница, како и средна гимназија во Ростуше.

Exit mobile version