Државниот завод за ревизија (ДЗР) извршил ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) за 2024 година, при што констатирал сериозни слабости и неправилности во работењето.
Меѓу забелешките се наведени: слабости во процесот на вршење попис на средства и изворите на средства, неизвршена процена на пазарната вредност на градежните објекти, како и недостатоци во процесот на пресметка и исплата на плати.
Исто така, ревизорите укажале на несоодветен начин на организација на инспекцискиот надзор во областа на урбанизмот и недоставени шестмесечни извештаи за постапувањето по претставки и предлози.
ДЗР нагласува дека функцијата директор на ДИГУ се врши од вршители на должност подолго од законски дозволениот рок од шест месеци, што создава ризик раководството да биде извршувано од лица кои не ги исполнуваат законски дефинираните услови.
Ревизијата исто така открила слабости во меѓусебната соработка и координација на органите при постапување по претставки и предлози, како и сериозен недостиг на инспектори, што може да доведе до намалена ефикасност на инспекцискиот надзор во градежништвото и урбанизмот.

