Ревизија: 88 отсто од јавните набавки во време на пандемијата се без објавен оглас

Меѓу забелешките на ДЗР се дека недостасувале јасно дефинирани карактеристики на заштитната опрема за ковид-19 што е ризик за набавка на недоволно квалитетна стока, како и дека различни институции за исти или слични стоки плаќале различни цени

 

На секои 10 јавни набавки во земјава поврзани со ковид-19, дури 9 биле спроведени со директно преговорање наместо со објавување јавен оглас. Така соопштија од Државниот завод за ревизија (ДЗР) по направената ревизија на набавките на 19 институции чија намена била заштита и превенција од ковид-19.

 

Ваквиот начин на спроведување на набавките, велат ревизорите, не овозможува еднаков третман и конкуренција помеѓу фирмите.

„Во отсуство на прецизно дефинирање на критериуми за „итноста“ на набавките и видот на стоки, услуги и работи кои можат да се набавуваат во време на вонредна/кризна состојба не може да се потврди во целост оправданоста на итноста на дел од постапките. Воспоставениот начин на спроведување на постапките со преговарање без објавување на оглас не овозможува еднаков третман и конкуренција помеѓу економските оператори. Имено, за дел од постапките за јавни набавки спроведени се преговарања со еден економски оператор“,соопштија од ДЗР.

Ревизорите забележуваат и дека нема упатства и обрасци како треба да изгледа стандардна тендерска документација и техничка спецификација со кои ќе се унифицираат правилата за набавките од итен карактер, како и карактеристиките на стоките кои се набавуваат.

Затоа, иако институциите во одлуките објаснувале дека набавуваат средства за превенција и заштита од коронавирусот, дел од стоките кои ги купувале всушност биле за потребите на нивното редовно функционирање.

„Дополнително, договорните органи спроведувале јавни набавки од крајна итност и во период кога можело да биде спроведена редовна постапка за јавна набавка. Преку извршената анализа на спроведените постапки за периодот од 01.10.2020 година до 28.02.2021 година е утврдено дека по основ на спроведени јавни набавки поради итност, доделени се договори во износ од 88 милиони денари“, велат од ДЗР.

13.07.2021 - 21:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега