СВР Струмица поднесе кривична пријава против седум лица од градот, кои се сомничат дека организирано се занимавале со нелегална трговија на отпад и со тоа ја загрозиле животната средина.
Според полицијата, првоосомничениот А.Ш. (43) ја организирал групата. Тој им давал на користење возила на останатите шестмина (на возраст од 18 до 44 години) за да товараат и транспортираат отпадни материјали. Групата откупувала старо железо и хаварисани автомобили, вршела механичко одвојување и екстракција на металите, а потоа ги продавала.
„А.Ш. вршел и складирање на отпадни работи во непосредна близина на неговото живеалиште во Струмица и ги организирал останатите пријавени лица да вршат откуп на отпадни метални работи од трети лица и да му ги продаваат нему“, велат од МВР.

