Рускиот нафтен гигант Лукоил се согласи да ги продаде сите свои странски средства на американска инвестициска компанија во договор вреден околу 22 милијарди долари, што е јасен знак дека санкциите што ги воведе администрацијата на Трамп против Москва имаат влијание, објавува Newsweek.
Продажбата доаѓа во време кога Лукоил се соочува со осакатувачки санкции од САД, а аналитичарите велат дека овој потег би можел да биде голем економски удар за Кремљ.
Лукоил, најголемата приватна компанија во Русија според приходите, со години се одликува со своето силно меѓународно присуство. За разлика од државните енергетски гиганти како Роснефт, Лукоил инвестираше многу во странство – од рафинерии во Европа до истражувачки и производствени капацитети на Блискиот Исток, па сè до мрежа на бензински пумпи низ целиот свет.
Само во Соединетите Американски Држави, Лукоил поседува околу 200 бензински пумпи во Њу Џерси, Њујорк и Пенсилванија. Оваа стратегија ѝ обезбеди на Москва економско и политичко влијание со децении, а на самата компанија стабилен приход надвор од Русија.
Ситуацијата драстично се промени по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, кога САД и нивните западни сојузници воведоа бран санкции. Клучниот момент дојде во октомври минатата година, кога администрацијата на Трамп воведе целни санкции врз Лукоил и Роснефт.
Санкциите што ги воведоа САД во октомври имаа за цел да го зголемат финансискиот притисок врз Русија поради војната во Украина. Обединетото Кралство наскоро им се придружи, воведувајќи мерки против двете компании, како и десетици танкери од таканаречената „флота во сенка“, обвинети за заобиколување на забраните за извоз на руска нафта.
Овие мерки ги блокираа сите средства и интереси на Лукоил во САД или под контрола на американски граѓани, вклучувајќи ги и средствата на бројни подружници.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесант, го опиша Лукоил како дел од „воената машина на Кремљ“, велејќи дека „време е да се запре убивањето и да се воспостави итен прекин на огнот“.
Претседателот Доналд Трамп, коментирајќи ги санкциите, рече дека „едноставно почувствувал дека е вистинско време“, додавајќи дека, според негово мислење, тие можеле да бидат започнати порано, пишува Index.hr.
Од друга страна, сојузникот на Путин, Дмитриј Медведев, остро реагираше, оценувајќи дека санкциите се „чин на објавување војна на Русија“ и обвинувајќи го Трамп дека „целосно стои со Европа“.
Продажбата на средствата на Лукоил во странство претставува сериозен удар врз руските даночни приходи, особено во време кога државниот буџет е под силен притисок поради војната.
За разлика од државните компании, Лукоил генерираше стабилен приход од странство што се врати во Русија преку дивиденди и даноци. Нивната загуба ја остава Москва без значаен извор на девизи.
Според Ројтерс, приходите на рускиот федерален буџет од даноците на нафта и гас би можеле да се намалат за 46% овој месец во споредба со истиот период минатата година, на околу 420 милијарди рубљи (околу 5,4 милијарди долари), што би било најниско ниво од август 2020 година.
Нафтата и гасот сè уште сочинуваат околу една третина од вкупните буџетски приходи на Русија, а оваа зависност дополнително се зголеми поради наглото зголемување на воените трошоци.

