Рускиот претседател Владимир Путин се согласи да ги продолжи преговорите со Украина со посредство на САД во текот на следниот месец, соопшти Кремљ по средбата во Санкт Петербург меѓу рускиот лидер и претставникот на Доналд Трамп, Стив Виткоф. Во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да прифати мировен договор што би ја замрзнал војната по сегашната линија на фронтот, под услов Украина да добие американски и европски безбедносни гаранции.
Во таков сценарио, Украина би задржала околу 75 отсто од својата територија. Во меѓувреме, Русија ги контролира Луганск и делови од Донецк, каде што украинските сили сè уште држат околу 19 проценти од регионот, односно 6.500 квадратни километри во кои влегуваат утврдените градови Костјантинивка, Славјанск, Покровск и Краматорск.
Дипломатските активности се интензивираа по потезите на Трамп за енергетско примирје. Како гест на добра волја пред почетокот на новите разговори, Русија го ослободи американскиот државјанин Стивен Хабард.
Прашав дали можат да го ослободат Стивен Хабард, и тој сега е на пат кон дома. Не дадов ништо за возврат – изјави Трамп.
Тој оцени дека можноста за завршување на конфликтот е значително зголемена во изминатиот период.
Крајот на војната во Украина е се поблиску, можеби поблиску од кога било досега – изјави американскиот претседател.
Покрај дипломатските прашања, Вашингтон и Москва разговарале и за големи заеднички економски проекти, вклучувајќи ги прашањата за дизел и минерали. На средбите бил вклучен и Џаред Кушнер со свои предлози за мировниот процес. Сепак, Трамп претходно упати критики кон раководството во Киев за пропуштените можности.
Можеше да склучи подобар договор пред две години отколку што може сега – рече Трамп.
Според најавите, претседателот на САД планира да посредува на средба меѓу Путин и Зеленски за време на Самитот на Г20 во Мајами на 14 и 15 декември. Сепак, Трамп посочи дека односите меѓу двајцата лидери се исклучително сложени.
Тешко им е да бидат во иста просторија… Не ме интересира како ќе се направи тоа – додаде тој.
Пред можното финале во декември, Кремљ најави дека технички трилатерални разговори за безбедносните гаранции би можеле да се одржат во Абу Даби на 10 ноември. Паралелно се подготвува и трилатерален самит АПЕК во Шенжен меѓу Трамп, Путин и Си Џинпинг, каде што ќе се разговара за глобалните сфери на влијание и ситуацијата во Украина без присуство на Зеленски.

