Личните податоци на повеќе од 560.000 хрватски ученици и наставници, вклучувајќи ги нивните имиња и презимиња, функции, како и имињата на училиштата и официјалните е-адреси, јавно беа објавени по голем сајбер напад. Хрватските медиуми пренесуваат дека во тек е истрага која треба да утврди кој, како и со каква намера ја украл обемната база на податоци.
По повод инцидентот реагираше Хрватската академска и истражувачка мрежа Карнет, од каде посочуваат дека веднаш по дознавањето за случајот започнале обемна техничка и форензичка анализа.
„Она што засега можеме да го кажеме е дека прелиминарните резултати покажуваат дека податоците не се земени од системите на Карнет, туку наликуваат на податоци од системи од трети страни“, изјави Ана Смољо, помошник-директор на мрежата.
Поради сериозноста на хакерскиот упад и изложеноста на малолетници, детскиот правобранител Татјана Каткиќ Станиќ побара итна и координирана реакција од државните служби.
„Очекуваме дека надлежните органи многу брзо ќе дадат многу јасни упатства и отворено ќе ги обезбедат сите информации што се потребни во однос на децата, и во однос на родителите, и во однос на училиштата“, рече таа.
Од Карнет дополнително предупредуваат дека корисниците чии адреси се јавно компромитирани сега се наоѓаат пред сериозен безбедносен ризик на интернет.
„Постои зголемен ризик од социјален инженеринг, особено фишинг, т.е. лажни е-пораки во кои испраќачите се претставуваат себеси и бараат посебни податоци како што се картички, лозинки итн. Им советуваме на корисниците да не одговараат на вакви пораки, да не отвораат линкови и прилози“, објасни Смољо.
Наспроти ваквите предупредувања, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ смета дека ситуацијата на терен не е алармантна и дека нема простор за паника во јавноста.
„Колку што разбирам, според она што ми го кажа министерот Фукс, нема податоци што би биле чувствителни. Ова се стандардни е-адреси на луѓе што посетуваат училиште. Значи, нема ништо особено комплицирано. Луѓето знаат кој оди на училиште. Тоа не е тајна“, изјави Пленковиќ.


