Брат и сестра на возраст од 8 и 10 години, по потекло од Бугарија, беа пронајдени без знаци на живот во паркиран автомобил во кипарското село Ксилофагу, во округот Фамагуста.

Децата, според првичните информации, неодамна пристигнале на Кипар за да го поминат летниот распуст со својот татко кој живее на островот.

Истрагата покажува дека таткото и неговата партнерка во саботата наутро заминале на работа, при што децата останале сами дома.

Се претпоставува дека тие во текот на денот влегле во возилото паркирано во близина на куќата, каде од засега неутврдени причини останале заклучени со часови под влијание на екстремно високи температури.

Безживотните тела на децата биле откриени околу 18 часот од страна на нивен сосед, кој веднаш ги алармирал надлежните органи.

Полициските и медицинските екипи по пристигнувањето на местото на настанот само ја констатирале смртта на братот и сестрата.

Првичните медицински наоди упатуваат на тоа дека смртта настапила како последица од топлотен удар и задушување, а конечната причина ќе ја покаже обдукцијата.

Кипарската полиција веднаш го уапси таткото на децата, како и неговата партнерка, под сомнение за кривична небрежност со смртни последици.

Надлежните служби продолжуваат со детална истрага со цел да се утврдат сите околности околу овој трагичен случај во Ксилофагу.

Exit mobile version