Прогласена вонредна состојба во Мјанмар
Денеска во Мјанмар е прогласена вонредна состојба во шест региони, меѓу кои и Сагаинг и Нејпјидо, откако силен земјотрес ја погоди земјата. Властите најавија дека ќе започнат спасувачки операции што е можно побрзо, пренесоа државните медиуми.
Според весникот „Глобал Њу Лајт“, кој е под контрола на воената хунта, владата веќе врши проценка на штетите и ќе побара пристап до хуманитарна и друга помош што се доделува во случај на природни катастрофи.
Земјотресот предизвика значителни штети на објекти и инфраструктура, а постои загриженост за состојбата на големите брани, соопшти Црвениот крст.
„Има оштетувања на јавната инфраструктура, патиштата, мостовите и државните згради“, изјави Мари Манрик, координаторка на Меѓународната федерација на Црвениот крст, во обраќање преку видеоврска од Јангон.
„Во моментов сме загрижени за безбедноста на големите брани, кои стручњаците внимателно ги следат за да ја проценат состојбата“, додаде таа.
Манрик истакна дека земјотресот урнал мост што го поврзува Мандалеј со Сагаинг, што ќе предизвика големи логистички проблеми.
Засега нема прецизни бројки за земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала. „Десетици илјади луѓе можно е да загинале во денешните земјотреси“, според ревидираната проценка од американски експерти. Претходно Геолошкиот институт на САД (USGS) процени дека илјадници луѓе може да загинале во потресите во Азија. Но, USGS сега ја промени својата проценка, велејќи дека десетици илјади луѓе може да се мртви.
– Овој земјотрес го погоди Мјанмар во најлош можен момент, изјави за Би-Би-Си Џо Фримен, истражувач во Мјанмар на Амнести интернешенел.
Повеќе од три милиони луѓе во моментов се внатрешно раселени во земјата, а ОН проценуваат дека повеќе од една третина од населението има потреба од хуманитарна помош. Покрај тоа, САД замрзнаа најголем дел од странската помош, што дополнително влијае на системите за заштита на човековите права и хуманитарната помош, потсетува Фримен.
Епицентарот на земјотресот е во централниот дел на Мјанмар – област што Фримен ја опишува како „срцето на конфликтот“ што сè уште е во тек.
-Цивилите во таа област веќе се изложени на бројни проблеми – воздушни напади на армијата, судири меѓу силите на отпорот и режимот, градови под различна контрола, рече Фримен, додавајќи дека поради сето ова, земјотресот „дополнително ќе ја отежне испораката на помошта“.
Тој, исто така, предупреди дека војската на Мјанмар има „добро документирана историја на одбивање помош за областите каде што се присутни бунтовничките групи“ и ја повика војската да дозволи „непречен пристап до хуманитарна помош“ и да им даде приоритет на потребите на цивилите.
Мјанмар се наоѓа во криза уште од 2021 година, кога војската ја собори од власт демократски избраната влада, предводено од добитничката на Нобеловата награда за мир Аун Сан Су Ќи. Оттогаш, протестите против хунтата се претворија во вооружен бунт низ целата земја, а конфликтот досега расели повеќе од 3,5 милиони луѓе.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа