Денеска Пробиштип се сеќава на 63-те жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, меѓу кои четворица се од овој град. Општина Пробиштип и градоначалникот Тони Тоневски на социјалните мрежи напишаа: „Понекогаш времето не ги лекува раните, туку само не учи како да живееме со празнината“.
„Овој 16-ти март носи тежина која не се опишува со зборови. Помина една година од трагедијата која го згасна светлото во многу домови и остави длабока лузна во срцето на нашиот Пробиштип. Денес, на градскиот плоштад, со свеќа во рака, со наведнати глави и срца полни со тага, им оддаваме почит на нашите млади сограѓани – нашите ангели кои прерано заминаа во вечноста. Тие беа нашата гордост, нашите насмевки и нашата иднина. Иако физички не се меѓу нас, нивните ликови остануваат врежани во секоја улица, во секое училишно ѕвонче и во секое наше сеќавање“, истакна Тоневски.
Општината и градоначалникот го потсетуваат градот на прерано згаснатите животи на четворицата свои сограѓани: Никола Насевски (2007-2025) од село Добрево, чиј пат беше прекинат кога неговите соништа само што почнуваа да цветаат; Матеј Марковски (2007-2025), чие младење згасна прерано, оставајќи тишина што боли; Тоше Тодоровски (1988-2025), храбар полицаец од ПС Пробиштип, кој ја извршуваше својата должност до последен здив, оставајќи пример за чест и пожртвуваност; и Александар Глигоровски (1996-2025), кој со денови храбро се бореше, но на 7 април им се придружи на останатите ангели.
„Вашата болка е и наша. Вашата загуба е ненадоместлива за целиот град. Нека оваа годишнина биде потсетник дека животот е кревок, но дека љубовта и споменот на оние што сме ги сакале никогаш не умираат. Вечна им слава. Почивајте во мир, момци. Пробиштип никогаш нема да ве заборави“, стои во објавата на Општина Пробиштип.

