Прилепските градинки продолжија со штрајкот

 Втор ден се штрајкува и во прилепските градинки. Во штрајкот се вклучени околу 80 отсто од вработените, тече мирно, а во шесте градинки денеска се згрижени 90-тина деца, нешто повеќе од вчера.

Коако што објаснува Билјана Петкоска, претседател на синдикатот во градинките „Наша иднина“ од Прилеп, штрајкот се одвива според законските прописи, не се попречува функционирањето на објектите и е мирен, иако има одредени притисоци.

-Од 124 членови на синдикалната организација во прилепските градинки, 114 сме вклучени активно во процесот на штрајкување. Организирани сме во посебни простории и притоа не го попречуваме останатиот процес на функционирање на објектите. Работиме согласно планот за работа во услови на штрајкување, договорен со директорот и според законските прописи. Мирно е, имаме одредени притисоци за кои ќе има забелешки во записникот и во извештајот, но во глобала, процесот е мирен, изјави Петкоска.

Дел од родителите веќе прашуваат дали има услови да ги донесат децата. Христина Трпческа, директорка на прилепската градинка „Наша иднина“ вели дека во секоја градинка се ангажирани по две негувателки и воспитувачки. Во тек се разговори за замена.

– Во овие услови на штрајк сме организирани, имаме ангажирано по две воспитувачки и по две негувателки во секој објект, дел од нив се од оние вработени кои не се вклучени во штрајкот, дел се ангажирани врз основа на договор склучен со општина Прилеп. Денеска во објектите се згрижени 90-тина деца, процесот на згрижување се одвива со обезбедување минимум услови, како што се и законските прописи во ситуација на штрајк. Во моментов замена немаме ангажирано, ги користиме тие што претходно нѝ беа ангажирани, во соработка со Општината. Постапуваме според законските прописи. Имаме поднесено барање до Општината да ни даде согласност за замена на штрајкувачите и побарана е информација од агенцијата за вработување дали има невработени лица со соодветно образование и важечки лиценци, изјави Трпческа.

12.04.2022 - 13:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега