Здравствената состојба на деветтоодделенецот кој завчера беше прободен со нож во основното училиште „22 Ноември“ во скопската населба Ченто е стабилизирана, но тој сѐ уште се наоѓа во критична состојба. Од Ургентниот центар информираат дека момчето е под постојан лекарски надзор и во неговото лекување се вклучени хирурзи од повеќе оддели кои ги преземаат сите мерки за подобрување на состојбата.
Во меѓувреме, надлежните институции веќе постапуваат по случајот со малолетникот кој го извршил нападот со остар предмет. Од Обвинителството соопштија дека со случајот се занимава јавен обвинител од Одделението за малолетници во Скопје, согласно Законот за правда за децата.
Поради сериозноста на инцидентот, со реакција излегоа и од локалната самоуправа. Од Општина Гази Баба велат дека се во постојана комуникација со училиштето и најавуваат итна седница со директорите на сите основни училишта и претставници од Министерството за образование. Целта на овој состанок, како што посочуваат од општината, е донесување итни мерки за спречување на вакви и слични инциденти во иднина.


