Пожарникарите со полни раце работа - гореше на 11 локации во државава


Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 1 743 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во последното деноноќие. Од нив „реални“ повици биле 61,04%, а 38,96% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 63,04%, кон Итната медицинска помош 25,36%, а кон пожарникарите 8,33% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 688 повици за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици и на тие што се именувани како „неитни повици“. Сите тие повици за итни случаи биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).

ЦУК информира дека во последното деноноќие имало регистрирано 11 пожари на отворено на територијата на државата, при што гореле стрништа, депонии, ѓубришта, одпад, сува трева, нискостеблеста вегетација и сите се изгаснати, а паралелно пожарникарите гаснеле пожари во населени места, села и градови.

Регионалниот ЦУК Скопје ја пренесува информацијата од БППЗ на Град Скопје дека БППЗ на Град Скопје, од 11.05 до 11.40 часот, со 3 пожарникари и 1 ПП возило, гаснеле запалено ѓубре на помала површина во с.Долно Лисиче (Општина Аеродром). Во текот на изминатото деноноќие имала уште една помала интервенција.
РЦУК Битола, известува дека ТППЕ Битола, од 20.20 до 21.45 часот, со 3 пожарникари и 1 ПП возило гаснеле запалено стрниште во атарот на с.Српци (Општина Могила). ТППЕ Прилеп, од 17.40 до 18.10 часот, со 3 пожарникари и 1 ПП возило гаснеле запалена ниска вегетација кај ДАТА Центарот.
РЦУК – Струмица, известува известува дек ТППЕ Струмица, во текот на изминатото деноноќие ги имала следните интервенции: - Од 18.30 до 20.40 часот, 3 пожарникари со 1 ПП возило гаснеле запален лозов насад во с.Чанаклија (Општина Василево); - Од 18.30 до 20.40 часот, 7 пожарникари со 2 ПП возило гаснеле запалена ниска вегетација кај м.в.Моноспитовско Блато (Општина Босилово); - Од 18.40 до 20.40 часот, 3 пожарникари, гаснеле запалена депонија кај с.Куклиш (Општина Струмица).

РЦУК Штип, известува дека ТППЕ Штип во текот на изминатото деноноќие имала две интервенции и тоа: Првата била од 08.50 до 09.40 часот во близина на с.Нов Караорман каде што гаснеле запалена ниска вегетација; и Втората била од 19:30 до 20:40 часот во атарот на с.Долни Балван каде гаснеле нива со ожнеана пченка и ниска вегетација. Во двата случаи интервенирале со по 2 пожарникара и 1 ПП возило. РЦУК Куманово, известува дека ТППЕ Куманово во текот на денот имала две интервенции поради запалена сува трева и тоа: од 13.05 до 13.40 часот во атарот на с.Пчиња, м.в.Ристово Трло и од 15.05 до 16.00 часот во нас.Рајкова Куќа. Во двата случаја интервенирале со по 3 пожарникари и 1 ПП возило.

РЦУК Тетово, известува дека ТППЕ Тетово, од 08.00 до 08.40 часот, со 2 пожарникара и 1 ПП возило гаснеле запалено ѓубре кај пругата на влезот во Тетово. Имала и уште една помала интервенција.

Инаку, Регионалниот ЦУК Скопје ја пренесува информацијата од БППЗ на Град Скопје дека урбаниот голем и долготраен пожар во магацинот во подрумските простории во зграда на ул. „Прохор Пчински“ бр.136 во скопската општина Чаир е изгаснат во 09:30 часот вчера, но превентивно, се уште на лице место дежураат 9 пожарникари со 3 ПП возила. Причините за пожарот и висината на направената материјална штета ќе бидат дополнително утврдени.

Заради заштита од евентуални поплави, РЦУК Прилеп, известува дека во текот на вчерашниот ден е одржан превентивен координативен состанок во Општина Прилеп, во врска со евентуалните опасности од поплави и претстојниот зимски период. На состанокот покрај претставници од РЦУК Прилеп и ДЗС Прилеп, имало и претставници од општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени. Присуствувале и претставници од АД Водостопанство, Јавните претпријатија, Инспекторот за води и останатите надлежни служби и дејности. Донесени се заклучоци со кои се задолжуваат трите општини (за во урбаните средини) и АД Водостопансто - „Прилепско Поле“ (за надвор од населените места), согласно нивните надлежности, да извршат чистење на коритата и санација на критичните точки од реките и каналите, а ЈП претпријатија да извршат проверка и чистење на атмосферската канализациона мрежа. Констатирано е дека моменталната состојба со водотеците е добра на територија на општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, односно нивоата на реките се под просекот а вештачка акумулација „Прилеп“ е празна и има можност за акумулирање на околу 6.000.000 m3 вода.

04.10.2024 - 09:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега