Повеќе од 100 делфини угинаа во Бразил, можна причина е високата температура на водата

Повеќе од сто делфини се пронајдени угинати во Бразил поради историската суша што ја погоди земјата и рекордно високите температури на водата, кои надминаа 38 степени.
Во последните седум дена во езерото Тефе се пронајдени мртви речни делфини, соопшти Институтот „Мамирауа“, истражувачки објект под покровителство на Министерството за наука.

Од институтот наведоа дека толку голем број на угинати делфини е невообичаен и дека причина може да бидат рекордните температури на водата, но и сушата.

„Се уште е рано да се утврди причината за ваквата екстремна појава, но според мислењето на нашите експерти, тоа секако е поврзано со сушниот период и високите температури во езерото Тефе, кои на некои места надминаа и 39 степени Целзиусови“, објави институтот, како што објави Си-Ен-Ен Бразил.

Реката Амазон, која е најголемиот воден тек во светот, моментално е во сушна сезона, што особено влијае на многу видови животни кои зависат од неа.

Активистите и истражувачите се обидуваат да ги спасат преживеаните делфини преместувајќи ги од лагуните и езерата до рабовите на главниот тек на реката каде водата е поладна, објави Си-Ен-Ен Бразил. Сепак, операцијата не е нималку лесна, со оглед на изолираноста на областа.

„Пренесувањето на речните делфини во други реки не е безбедно бидејќи е неопходно да се провери дали има токсини и вируси кои се присутни пред животните да бидат ослободени“, вели Андре Коелјо, истражувач од Институтот Мамирау.

02.10.2023 - 14:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега