Можам да потврдам дека под координација на ОЈО ГОКК, Управа за финансиска полиција спроведува акција поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа. Акцијата уште трае. Како што знаете додека се постапува не може да се споделат повеќе детали, велат од ОЈО ГОКК за Пресс24.
Да потсетиме, полицијата во моментов спроведува голема акција и претреси поради сомнежи за сериозен финансиски криминал тежок околу 350.000 евра, дознава Press24.
Според првичните и сè уште неофицијални информации, истрагата е насочена кон злоупотреби поврзани со јавни набавки.
Како што дознаваме, предмет на истрагата е „тендерот за одржување на терминалите и царинските простори“.
Во моментот на терен се одвиваат засилени полициски активности и се прибираат материјални докази.
Поради специфичноста на акцијата и законските процедури, досега нема официјално приведени лица.
Локалните извори брифираат дека осомниченото лице Стефан Богоев „не е приведено официјално сè уште бидејќи во моментов трае претрес“ на неколку локации.
Надлежните институции се очекува да излезат со официјални детали по завршувањето на сите претреси.


