Потпишан е договорот за набавка на 150 електрични автобуси, а првите возила треба да пристигнат до крајот на годинава, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната седница на Советот на Град Скопје.
Договорот е потпишан со унгарската компанија „Икарус“.
Ѓорѓиевски рече дека веќе ги видел автобусите и ги оцени како ултрасовремени. Според него, тимови веќе работат на локациите во Автокоманда и Ѓорче Петров, каде што ќе бидат поставени полначите за електричните автобуси.
Според условите од тендерската документација, сите 150 автобуси треба да бидат испорачани во рок од 18 месеци. Од нив, 100 се наменети за Град Скопје, а останатите 50 за други градови. Проценетата вредност на набавката изнесува околу 51 милион евра.
Ѓорѓиевски најави и дека во текот на наредната недела треба да биде распишан тендерот за проектирање и изградба на трасата за Брзиот автобуски превоз – БРТ.


