Интензивните врнежи од дожд во изминатите 24 часа оставија најголема трага во Претор, каде што се измерени најголеми количини на воден талог.
Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во Претор наврнале дури 66 литри на метар квадратен.
Високи вредности на врнежи се забележани и во други региони:
- Крушево – 37 литри
- Битола – 30 литри
- Прилеп – 26 литри
- Маврови Анови – 25 литри
Исто така, над 20 литри дожд наврнале во Тополчани, Пожаране и Виница (по 24 литри), како и во Крива Паланка (23 литри). Во главниот град, измерени се 4 литри во Зајчев Рид и 5 литри во Петровец. Најмалку врнежи имало во Гевгелија – 3 литри.
Од УХМР најавуваат дека променливото облачно време со повремени локални врнежи од дожд ќе продолжи и денеска.
Наместа врнежите повторно се очекува да бидат пообилни, со задржани услови за невреме, проследено со грмежи и силен ветер.
Во текот на денот ќе дува умерен до засилен јужен ветер, чија брзина на моменти може да надмине 60 километри на час. Максималните дневни температури ќе се движат меѓу 13 и 19 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер, а максималната температура ќе достигне 17 степени.

