Голем одрон на регионалниот пат Македонски Брод – Скопје преку НП „Јасен“ го прекина, а потоа го отежна сообраќајот, додека во битолско ерозија се заканува на стариот пат кон Пелистер.

Ова се дел од најкритичните точки каде интервенираа екипите на Регионалните центри за управување со кризи по обилните врнежи во изминатото деноноќие. Патот кај „Јасен“ сега е расчистен по една лента, а се работи на целосно обезбедување на трасата.

Поради ерозија на патот кон Пелистер и кај селото Цапари, надлежните предложија привремено затворање на стариот пат Р-106 и пренасочување на возилата по патот А-3. Во Битола механизација работи и на расчистување наноси и зајакнување на насипите на речните корита.

Во кумановско, реката Пчиња накратко се излеа кај потегот Пелинце – Стрновац, но без штети. Екипите ги чистат мостовите во Коинце и Пелинце од наталожените дрва и отпад, а нивната стабилност не е загрозена.

Во Охрид, диво ископани канали предизвикаа поплавување на подруми во населбата Железничка, додека во Кичево најризична точка е делот кај улицата Прилепска, каде е побарана итна интервенција од општината.

Exit mobile version