Поскапува водата во Куманово

 

Кумановци ќе плаќаат поскапа вода, одлучи денеска мнозинството во Советот на општината. Како што објасни директорот на Јавното претпријатие „Водовод“, Оливер Стојмановски, обврската за зголемување на водата е донесена согласно предложените тарифи на регулаторна комисија за енергетика и е законска обврска на претпријатието.

Зголемувањето за тековната е 24 проценти или 12, 5 денари. Зголемувањето на цената ќе почне по завршување на процедурите помеѓу советот, ЈП „Водовод“ и регулаторната комисија.

- Земено споредбено со цената која требаше да биде важечка до крај на декември на 2023 година, новата цена да се применува од јануари 2024 година, претходната цена е 52,98 денари, сегашната би била 65,54 денари што е зголемување за 12,5 денари од метар кубен. Ако се земе предвид дека просечната сметка за 2023 година по корисник, изнесуваше 700,2 денари истата таа сметка со ова покачување би била 865 денари што е покачување од 165 денари што на годишно ниво би излегувало по корисник 2.016 денари, кажа Стојмановски.

За 2025-та година зголемувањето ќе биде дополнителни четири (4) проценти, за 2026-та уште четири проценти, согласно методологијата која ја земе предвид инфлацијата.

Во објаснувањето пред советниците, Стојмановски потенцираше дека предложени тарифи на регулаторна се однесуваат, снабдување со вода, отпадни води и пречистување се движат во распон од минимална, просечна и максимална.

- Претпријатието водеше сметка и за она што значи да се запази социјалната компонента така што она што го имавме како можност дадено од регулаторот опсегот за зголемување на цената беше од 19 до 42 отсто, одбравме накај минимално, додаде Стојмановски.

Опозицијата СДСМ и ДУИ реагираше и бараше  субвенционирање на сметките за вода на граѓаните и изразија загриженост за семејните буџети на кумановци. Зголемување на цената на водата ги очекува и останатите претпријатија низ градовите од државата како законска обврска.

03.07.2024 - 15:06

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега