Со декрет на претседателот на Република Италија, Серџо Матарела, на адвокатката и поранешна министерка за правда, Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, ѝ е доделено високото државно признание орден „Витез од редот на Ѕвездата на Италија“.
Ова значајно одликување на Младеновска-Ѓорѓиевска ѝ го врачи амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Н.Е. Паоло Палминтери, на свеченост организирана во италијанската резиденција во Скопје.
Амбасадорот Палминтери во своето обраќање ја нагласи важноста на нејзината долгогодишна дејност и придонесот во спроведувањето на правосудните реформи и усогласувањето на правосудниот систем со европските стандарди.
„Чест ми е што можам да и го врачам ова признание на Мери Младеновска Ѓорѓиевска за нејзината работа и исклучителниот придонес во унапредувањето на институционалната, економската и правосудната соработка помеѓу Италија и Северна Македонија. Нејзиниот придонес е пример како стручноста, интегритетот и духот на соработката можат суштински да придонесат во зајакнувањето на институционалните врски и разбирањето меѓу нашите држави“, рече амбасадорот Паоло Палминтери.
Примајќи го високиот орден, поранешната министерка изрази благодарност до претседателот Матарела и до италијанската амбасада за континуираната поддршка низ годините.
„Сакам да ја изразам мојата најискрена благодарност до претседателот на Република Италија, Серџо Матарела за ова престижно признание, како и до амбасадата на Италија за континуираната доверба и поддршка искажана во текот на годините. Италија за мене секогаш била пример за култура, правна tradition и демократски вредности. Од таа причина овој чин го сметам не само за привилегија, туку и за одговорност за иднината. Ова одликување ме поттикнува да продолжам по патот на професионалноста, интегритетот и дијалогот меѓу нашите двете држави“, рече Младеновска Ѓорѓиевска.
Инаку, орденот „Витез од редот на Ѕвездата на Италија“ се доделува на поединци кои со својот професионален ангажман даваат исклучителен придонес во развојот и унапредувањето на соработката и пријателските односи меѓу Италија и другите земји.
Мери Младеновска-Ѓорѓиевска зад себе има големо професионално искуство во подобрувањето на правосудниот систем и владеењето на правото во Македонија. За време на нејзиниот мандат како министерка за правда, беа подготвени и усвоени 11 уставни амандмани поврзани со судската власт и јавното обвинителство, со кои се реформираше правосудниот систем.
Таа имаше клучна улога и во донесувањето на низа системски законски прописи во насока на имплементирање на принципот на владеењето на правото, меѓу кои се издвојуваат Законот за судови, Законот за парничната постапка, Законот за извршување, Законот за судски совет, Законот за академија за судии и јавни обвинители, како и Законот за заштита на сведоци.
На официјалното врачување на одликувањето во резиденцијата присуствуваа членови на нејзиното семејство, блиски соработници, колеги и пријатели од општествено-политичкиот и правниот живот во државата.

