Политичка криза во Франција: Макрон се заканува со распуштање на Собранието

Франција е работ на голема политичка криза. Претходната ноќ претседателот Емануел Макрон на кризна средба со пратениците се закани дека ќе го распушти собранието доколку не се соберат доволен број гласови за пензиската реформа за која се очекуваше собранието да ја донесе конечната пресуда до крајот на денот.

Собирањето мнозинство е тешко, а во текот на утрото имаше калкулации дека сè се врти околу разлика од два до пет гласа. Макрон одржа нов кризен состанок во Елисејската палата со премиерката Елизабет Борн и соработниците.

Во случај да не се собере мнозинство, на власта ѝ е на располагање фамозниот член 49.3 од Уставот, кој овозможува да прогласуваат закони без гласање, но со можност за гласање недоверба на владата. Таквата опција би била крајно непопуларна во овој момент и само би го зголемила гневот на улиците.

„Тоа би било принуден премин, иако тој член е во Уставот, тоа за нас би претставувало непочитување на демократијата“, рече синдикалниот лидер Филип Мартинез пред собранието.

Тој нагласи дека доколку се донесе законот, а особено ако е преку членот 49.3, бунтот ќе продолжи. Тој рече и дека има притисоци.

„И еден пратеник ми кажа дека има гласови што се купуваат. Ова е тежок знак за демократијата. Многу сум загрижен за ова последно тргување“, изјави Мартинез.

16.03.2023 - 15:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега