Полицијата го фати крадецот на возило на Итната помош во Кочани

Полицијата привела осумнаесетгодишен жител на Кочани, поради основано сомнение дека тој е крадецот на возилото на Итната помош, кое вчера во зори „исчезна“ од кругот на Општата болница во градот.

-По преземени мерки и активности, на 03.12.2022 во 15.40 часот полициски службеници од Полициската станица Кочани го лишиле од слобода Д.Н.(18) од Кочани, поради основи на сомнение дека од кругот на болницата во Кочани одзел возило на Итната медицинска помош Кочани, соопшти МВР.

По неколку часа потрага, полицијата вчера го пронајде возилото и го врати на Итната помош.

Вчера и директорот на Општата болница Кочани, Александар Серафимов, како што објави МИА, информирал дека се работи за постаро возило од марката „тојота“, што Итната медицинска помош го користи само повремено и за кратки релации во градот или до блиските населени места. Тој претпостави дека возилото го земале млади лица кои на таков начин сакале да се забавуваат, а побара полициската истрага да покаже како тие влегле и го стартувале возилото.

Осомничениот за кражба на медицинското возило се товари и за други кривични дела.

-Исто така, по преземени оперативно – тактички мерки расчистени се и кривични дела ‘тешка кражба’ на компјутер и ‘одземање моторно возило’ – опел корса, извршени претходно. Во службен разговор во полициска станица Д.Н. ги признал дела, а одземените компјутер и возило ‘опел корса’ биле пронајдени и вратени на сопствениците. По целосно документирање на случаите против него ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, соопшти МВР.

 

04.12.2022 - 11:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега