Поради официјалната посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, во Охрид денеска и утре ќе бидат засилени безбедносните мерки и ќе се воведе посебен сообраќаен режим.

Мерките се однесуваат на физичко и сообраќајно обезбедување на улиците, објектите и локациите предвидени со протоколот за посетата.

Од СВР Охрид информираат дека е воспоставена координација со Општина Охрид, службите задолжени за одржување на патиштата и улиците, јавните претпријатија и останатите надлежни институции, со цел непречено спроведување на активностите.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид веќе спроведува засилени мерки за контрола и регулирање на сообраќајот, особено на булеварот „Туристичка“, како и на други улици каде што ќе биде ограничено запирањето и паркирањето на возила.

Посебниот режим ќе ги опфати и патните правци од Охрид кон Свети Наум, магистралните, регионалните и локалните патишта, заштитниот појас покрај сообраќајниците, улиците во населените места, како и паркиралиштата во централното градско подрачје и стариот дел на Охрид.

Од СВР Охрид апелираат до граѓаните да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници на терен, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

Полицијата препорачува граѓаните да ги користат возилата само кога е неопходно во периодот на траење на мерките, а доколку имаат можност да користат алтернативен превоз.

Exit mobile version